Се сеќавам еднаш прочитав дека некои луѓе го користат јазикот за да ги сокријат мислите, но моето искуство вели дека многу повеќе луѓе го користат јазикот наместо мислата.
Разговорот на деловниот човек треба да биде сведен на помалку и поедноставни правила во споредба со која било друга функција на човечкото битие. Тие се:
Имај што да кажеш.
Кажи.
Престани да зборуваш.
Почнувајќи пред да знае што сака да каже и продолжувајќи откако кажал, трговецот завршува на суд или во прифатилиште за бездомници и сиромашни, а првото е краток пат до второто. Водам правен оддел овде и ме чини многу, но потребен ми е за да не се сплеткам со законот.
Нормално е кога ѝ довикуваш на девојка или муабетиш со пријатели по вечера, да водиш разговор кој личи на училишна екскурзија во недела застанувајќи попатно да набереш цвеќе; но в канцеларија речениците треба да бидат што е можно пократки и појасни. Изостави ги воведот и заклучокот и застани пред да преминеш на следното. Проповедај кратки беседи за да ги уловиш грешниците; а на ѓаконите нема да им бидат потребни долги беседи. Нека будалите го имаат првиот, а жените последниот збор. Месото е секогаш во средината во сендвичот. Секако, нема зијан од танок слој путер на обете страни, ако е наменет за човек што сака путер.
Запомни, исто така, дека е полесно да изгледаш мудро отколку да мудруваш. Кажи помалку од другиот и повеќе слушај отколку што зборуваш; оти кога човек слуша, тој не се оговара себеси, ами му ласка на тој до него. Ислушај ги добро повеќето мажи, а на повеќето жени дај им доволно хартија за пишување и тие ќе ти кажат сè што знаат. Парите зборуваат – но не ако нивниот сопственик е големо шлапало, па тогаш нивните пораки се секогаш навредливи. И сиромаштијата зборува, но никој не сака да чуе што има да каже.